Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, се надева дека успесите на тимот во англиските купови, може да им биде од полза вечерва кога во Лисабон ќе се сретнат со Лион во новиот систем на натпреварување во Лигата на шампионите. Четвртфиналето се игра во еден меч, кој е практично како финале, а Сити често игра во овој формат и во последните пет сезони има четири трофеи во Лига купот и еден во ФА купот.
„Кога се игра двомеч, на првиот натпревар секогаш во мислите ви е реваншот. Ние сме навикнати да играме на еден меч во куповите во Англија. Таму немате втора шанса, или поминувате или испаѓате. На такви мечеви, пристапот е многу поразличен отколку кога има и реванш. Подготвени сме за овој нокаут меч, знаеме дека нема да биде лесно“ – изјави Гвардиола.
Сити има успеси во домашните купови, но во ЛШ, најдалеку што стигнале им е полуфинале во 2016 година.
Вечерва Гвардиола ќе го нема Серхио Агуеро во нападот, а се враќа Бенжамен Менди после суспензијата.