Шпанскиот тренер Пеп Гвардиола го освои 15-тиот трофеј како предводник на Манчестер сити откако неговиот тим синоќа се радуваше на пехарот во Суперкупот на УЕФА. За Сити ова е прв ваков трофеј, што е посебно важно за Граѓаните. Со 15 освоени трофеи, Гвардиола ги надмина 14-те трофеи кои ги освои како тренер на Барселона.
По освојувањето на трофејот на стадионот во Атина, Гвардиола брзо се фокусираше на тоа што следува. Манчестер сити веќе в сабота ќе игра против Њукасл во дербито од второто коло во Премиер лигата. Тренерот беше многу лут затоа што неговите играчи сега ги чека враќање од Грција во Англија, а потоа нема да има време ниту за одмор, па следува подготовка за дербито.
„Треба да се рехабилитираме што е можно побрзо. Од тука, од Грција, ѝ се заблагодарувам на Премиер лигата што ни овозможи да играме в сабота, а не во недела или во понеделник. Ви благодарам многу за вашите напори“, саркастично рече Гвардиола, кој очекуваше дека неговите играчи ќе добијат барем еден ден плус за одмор, односно дуелот против Њукасл да го игра в недела.