Гвардиола доби „дозвола“ од сопругата да разговара за нов договор со Манчестер Сити

Пеп Гвардиола кон крајот на минатата сезона ги разочара навивачите на Манчестер Сити со изјавата дека е многу поблиску до заминување отколку до останување во клубот по истекот на неговиот договор следното лето. Англиските медиуми пренесуваат дека имал разговор со семејството и дека неговата сопруга „одлучила“ што да направи на крајот од следната сезона.

Гвардиола пристигна во Манчестер Сити во летото 2016 година по три сезони поминати во Баерн. Доаѓањето на „Етихад“ беше полн погодок, бидејќи со овој клуб успеа да освои сè што можеше.

Меѓутоа, кога Сити минатата сезона успеа да ја одбрани титулата првак на Англија, шпанскиот стратег ги шокираше навивачите на клубот со сериозните размислувања за заминување по истекот на договорот.

Гвардиола со Граѓаните има договор до летото 2025 година и пред два месеци изјави дека е многу поблиску до одлуката да го напушти клубот отколку да остане во Манчестер Сити.

„Реалноста е дека сум поблиску до заминување од Манчестер Сити отколку до останување. Осум години сум во клубот, ќе бидат девет на крајот од следната сезона. Во овој момент чувствувам дека сакам да бидам тука следната сезона, за време на која ќе седнам со раководството на клубот и ќе разговараме за иднината“, рече Гвардиола.

„Морам да видам и како ќе реагираат играчите и дали ќе ме следат како сите овие сезони. Има многу причини. Сигурно ќе останам тука и следната сезона, а потоа ќе разговараме. Треба да видам што мислат и сопругата и моите деца“, истакна тој.

Гвардиола ќе биде на клупата на Сити и во новата сезона, но многумина се прашуваат што ќе се случи потоа и дали навистина ќе го напушти „Етихад“.

Англиските медиуми денеска открија дека Гвардиола сега е подготвен да го продолжи договорот со Манчестер Сити и дека наводно веќе се одржани првите разговори за продолжување на соработката. Се наведува дека Пеп Гвардиола има поддршка од својата сопруга и од децата, што за него е клучна работа.

Наводно, тој разговарал со семејството околу неговиот следен чекор и тие му дале поддршка да потпише нов договор и да остане на клупата на Манчестер Сити.

- Оглас -

Најнови вести