Манчестер сити е клубот кој доминира во англискиот фудбал во последните неколку години, но очигледно дека во последно време се случуваат промени. На позицијата спортски директор ќе дојде Португалецот Уго Вијана и тоа на местото на Чики Бегиристајн. Каталонецот е спортски директор во Сити од 2012 година, но сега е дојдено време да си замине.
Со заминувањето на Бегиристајн, се најавува заминување на уште еден Каталонец, а тоа е тренерот Пеп Гвардиола. Стратегот кој состави речиси непобедлив тим на Граѓаните се очекува да си замине од тренерската позиција, на која застана на 1 јули 2016 година.
Токму овие најави за заминување на Гвардиола од сити ги подгреа шпекулациите дека токму Пеп може да биде новиот селектор на Англија. Гордиот Албион остана без селектор по оставката која ја даде Герет Саутгејт. На местото на Саутгејт, како привремен селектор е поставен Ли Карсли, но и тој самиот е свесен дека нема долго време да остане на оваа позиција.
Реномираниот англиски весник „Тајмс“ пишува дека на Гвардиола му е понудена селекторската позиција на Англија и сега останува само прашање дали Каталонецот ќе го прифати тој предизвик.