Менаџерот на актуелниот европски шампион Манчестер сити, Хосеп Гвардиола, изјави дека дуелите меѓу неговиот тим и Реал Мадрид стануваат фудбалска класика.
Реал Мадрид и Манчестер сити трета година по ред ќе играат во нокаут-фазата во Лигата на шампионите, а сезонава ќе се сретнат во рамките на четвртфиналето од елитното клупско натпреварување.
„Пред две години, Реал Мадрид нè елиминира, минатата сезона ние го елиминиравме Реал и нашите дуели стануваат голема фудбалска класика. Сега ние имаме нови играчи, Реал го промени начинот на игра – не радикално, но сепак има промени и затоа мислам дека сега ќе имаме поинакви мечеви“, изјави Гвардиола.
Тренерот на европскиот шампион е свесен дека најголема опасност за него ќе претставува напаѓачкото трио Винисиус жуниор, Џуд Белингам и Родриго.
„Сите знаат за нивната сила во транзиција и мораме да се обидеме да ги запреме, да ги казниме нивните грешки и да покажеме дека дојдовме да даваме голови. Ќе се обидеме да го наметнеме нашиот стил на игра и мора да дадеме сè од себе ако сакаме да му се спротивставиме на Реал во Мадрид“, изјави Гвардиола на вечерашната прес-конференција.