Манчестер сити утре ќе го има еден од најголемите предизвици во првенството, затоа што гостува кај актуелниот првак Ливерпул. Сити е втор на табелата со шест бода помалку од лидерот Арсенал и едноставно мора да брка освојување на бодови на „Енфилд роуд“ за да остане во чекор со најдобриот во моментов.
Од друга страна, Ливерпул има разочарувачка сезона и заостанува дури 14 бодови зад Арсенал, што значи дека е само со теоретски шанси да се надева на одбрана на тронот.
Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола е фокусиран на дербито против Ливерпул, но има нешто што го мачи, а е поврзано со Лига Купот на Англија. Сити ќе игра во финалето на овој куп и тоа токму против Арсенал, но поради правилата во англискиот фудбал, Граѓаните нема да може во финалето да сметаат на новото засилување Марк Геши. Тоа е фудбалерот кој Сити го доведе во зомскиот преоден рок од тимот на Кристал Палас, а според правилата во Англија, ако еден играч веќе настапил за еден клуб во Лига купот, нема право да игра за друг клуб во тоа натпреварување во истата сезона.
„Зошто да не може да игра? Зошто? Ние му даваме плата, тој е наш фудбалер. Купуваш играч за многу пари, а потоа тој не може да игра поради некое правило. Тоа не го разбирам. Се надевам дека правилото ќе се промени. Им реков и на челниците на клубот дека треба да ги убедиме организаторите во Лига купот да дозволат Марк да игра во финалето“, револтирано коментира Гвардиола.
Финалето на Лига купот меѓу Манчестер сити и Арсенал ќе се игра на 22 март на „Вембли“ во Лондон.

