Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, убеден е дека неговиот тим сè уште има шанси да ја освои титулата во англиската Премиер лига.
Граѓаните кои в недела гостуваат кај Астон Вила, во моментов се на второто место на табелата, со само три бода зад лидерот Арсенал.
„После првите два-три натпревари велеа дека сме надвор од борбата за титулата, а сега го исклучуваат Ливерпул. Многу пати сум рекол дека експертите, поранешните фудбалери знаат што ќе се случи по пет натпревари, еве јас не сум во можност да го направам тоа“, коментира Шпанецот со голема доза на иронија.
Гвардиола верува дека сликата ќе станува појасна како што ќе напредува сезоната.
„Потребни се уште 10-15 натпревари за да се сфати што точно ќе се случи. Ливерпул и Арсенал се таму, некој друг би можел да се вмеша, се надевам дека ние ќе бидеме блиску до врвот“, додаде тој.

