Гвардиола и Клоп се против предлогот на УЕФА за проширена ЛШ

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, го крена гласот против Суперлигата, но не ја поштеди ни УЕФА. Тој смета дека голем проблем со кој се соочуваат играчите, тренерите и клубовите е пренатрупаниот календар и големиот број одиграни натпревари.

„Нема да има Супер Лига и тоа е завршена работа, но ќе имаме нова Лига на шампиони, уште повеќе мечеви. Не знам кон што води тоа. Замислете актерите да имаат претстава трипати дневно, не би издржале секој пат да бидат на ниво на очекувањата на публиката. Ние имаме три меча неделно, физички, напорите се огромни. Можеби единствено решение е од УЕФА и ФИФА да побараме годината да се продолжи на 400 дена, за да можеме да ги вклопиме сите активности“ – изјави Гвардиола.

Според Гвардиола, тренерската работа веќе не е да ја подготват екипата, туку да ја сочуваат комплетна.

„Ние не тренираме, не се уигруваме, наша работа стана да ги задржиме играчите во форма. Немаме нормална претсезона, одиме на турнеи, играчите на подготовки доаѓаат заморени од мечевите на репрезентациите. Во текот на сезоната нема одмор. Неиздржливо е. Од УЕФА велат дека го имаат тоа во предвид, а само воведуваат нови натпреварувања“ – вели некогашниот тренер на Барселона и Баерн.

Во новиот формат на ЛШ, ќе има 36 тима, и за европска титула ќе треба да одиграат повеќе натпревари отколку сега.

„Не може непрекинато да се воведуваат нови натпреварувања. Убаво е што отпадна новата Суперлига, но и новата ЛШ не е нешто прекрасно. Не ми се допаѓа што во првата фаза ќе се играат 10 наместо шест меча. Каква е причината за новиот формат? За пари… Немам идеја каде да ги ставам тие мечеви во календарот. Никој не ги прашува тренерите, играчите и навивачите, ни УЕФА ни Суперлигата. Само сакаат повеќе мечеви, не би сакал тоа да се случи“ – изјави тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

- Оглас -

Најнови вести