Португалскиот репрезентативец Бернардо Силва се приклучи на листата на повредени фудбалери во Манчестер сити. Силва се пожали на повреда по дуелот со Црвена ѕвезда во Лигата на шампиони и тој е вкупно петтиот стартер кој е меѓу повредените во моментов. Од претходно се знае дека нема да играат Кевин де Брујне, Матео Ковачиќ, Џон Стонс и Џек Грилиш.
„Среќа што не се работи за тешка повреда. Силва ќе паузира 10-тина дена. Играчите се под притисок, имаат многу мечеви. Ако имаат помалку мечеви ќе има и помалку повреди. Едноставно немаат време за одмор поради згуснатиот распоред“, вели тренерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Шпанскиот стратег најави дека на утрешниот меч против НОтингем Форест во составот може да се врати Грилиш, но не и Ковачиќ, како и потешко повредените Де Брујне и Стоунс.
Сити одлично ја започна сезоната и има максимални 15 бода по пет кола во Премиер лигата и е на врвот на табелата.