Манчестер сити важи за фаворит во дуелот против Лион, но самиот факт што Граѓаните во претходните две меѓусебни средби немаат триумф против Лавовите наговестува дека и оваа пресметка ќе биде интересна.
По оваа пресметка ќе се знае последниот патник во полуфиналето, а Пеп Гвардиола смета дека на неговата екипа нема да ѝ биде лесно да обезбеди пласман.
„Не отпишувам ниту едно сценарио бидејќи ова е нокаут фаза во Лигата на шампионите, сешто може да се случи. Лион не е наивна екипа, заслужено се меѓу осумте најдобри екипи и ќе ни биде тешко. Добро ги познаваме од минатите дуели, тие се доста експлозивни во нападите и агресивни во одбрана, а добро ги користат и прекините. Сепак, форматот на натпреварувањето нам ни одговара, бидејќи се игра само еден меч. Нема поправен, или победуваш или губиш. Ние сме навикнати на ваков систем од настапите во ФА Купот и Карабао Купот“, посочи Гвардиола.
Шпанскиот стратег за овој меч нема да смета на клупскиот рекордер по бројот на погодоци, Серхио Агуеро, кој се мачи со повреда уште пред финишот на сезоната во Премиер лигата.