10.8 C
Skopje
петок, 19 септември 2025

Гвардиола: Манчестер сити не е меѓу фаворитите за трофејот во ЛШ оваа сезона

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, смета дека Граѓаните не се меѓу фаворитите за трофејот во Лигата на шампионите оваа сезона, но нагласи дека сака да ужива во сегашната ситуација. Каталонецот беше категоричен дека не дава приоритет на ниту едно натпреварување, ниту на Премиер лигата, ниту на ЛШ, туку е целосно фокусиран на претстојниот меч.

„Очигледно не сме меѓу фаворитите за трофејот, затоа сакаме едноставно да уживаме во моментот. Среќни сме што сме овде, фокусирани сме на натпреварот и на тоа да започнеме позитивно. Минатата година стартувавме со реми против Интер и се надеваме дека утре ќе успееме да направиме подобар резултат. Мојот приоритет отсекогаш бил следниот натпревар откако сум тука. Не можеме да бираме мечеви, за десет дена ќе гостуваме кај Хадерсфилд и тогаш тој дуел ќе биде најважен. Секој натпревар го сфаќаме сериозно. Групната фаза во стариот формат беше тешка, но имаше поголема контрола врз ситуацијата. Новиот формат не ја дава таа можност, сè е понеочекувано, затоа мораш да собереш повеќе поени за да бидеш меѓу првите осум, инаку завршуваш во групата меѓу првите 24“, објасни шпанскиот стратег.

Утревечер Манчестер сити го пречекува Наполи, а на „Етихад“ ќе се врати Кевин де Бројне, кој изгради блескава кариера со дресот на Граѓаните, но летово го напушти клубот.

„Со нетрпение очекувам да го видам по натпреварот. Секако, убаво е што повторно ќе се врати овде. Играчите од негово ниво се адаптираат многу брзо и не им треба многу време за да покажат на што се способни. Не сум изненаден ниту од настапите на Скот Мектоминеј. Тој имаше сè што е потребно за да успее таму. Тоа беше тим што ја освои Серија А, а кога победуваш, тоа значи дека секој играч се претставува на највисоко можно ниво“, изјави Гвардиола.

Во редовите на Наполи е и единствениот Македонец во Лигата на шампионите оваа сезона, Елиф Елмас.

- Оглас -

Најнови вести