Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, го истакна своето задоволство по победата на неговиот тим против Нотингам форест со 3-0 во натпреварот од 14-тото коло на англиската Премиер лига. Овој успех ја прекина лошата серија на Граѓаните од четири последовни порази во Премиер лигата, како и седумте натпревари без победа во сите натпреварувања.
„Победивме. Тоа е главното. Ни беше потребна оваа победа. Клубот, играчите, сите имаа потреба од ова. Не знам дали овој натпревар ќе биде пресвртница за Сити. Ова е само една победа, но ќе се трудиме да влеземе во подолг победнички ритам“, изјави Гвардиола.
Благодарение на победата, Манчестер сити привремено се врати во топ 4 и има шанса да го заврши колото на оваа позиција доколку Брајтон направи кикс против Фулам вечерва.