Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, беше импресиониран од дефанзивната игра на Наполи со десетмина играчи на теренот. Шпанецот нагласи дека во последните години би било „невозможно“ Сити да освојува трофеи без Кевин де Бројне, кој сега е член на италијанскиот тим.
Натпреварот од првото коло во Лигата на шампионите на „Етихад“ не започна добро за Наполи откако уште во 21-вата минута остана со играч помалку поради директен црвен картон за Џовани ди Лоренцо по прекршок врз Ерлинг Халанд.
Италијанците издржаа 56 минути под постојан притисок, но потоа нивниот бедем попушти. Халанд со глава го отвори резултатот по одлична асистенција на Фил Фоден, а потоа Жереми Доку погоди за конечни 2-0.
„Антонио Конте знае многу работи, а јас не сум толку способен како него да организирам толку силна одбрана со 10-мина играчи. Тие останаа концентрирани и одиграа извонредно во дефанзивата. Не игравме здодевен фудбал, се обидувавме да дадеме голови, а по првиот погодок беше полесно. Среќни сме за победата, но нè чека долг пат во овој турнир,“ изјави Гвардиола.
Халанд веќе има неверојатни 50 гола во 49 натпревари од Лигата на шампионите, а неговото присуство му носи на Сити огромна предност во однос на повеќето ривали.
„Тоа што го имаме Ерлинг во нападот ни дава голема самодоверба. Добро го започнавме турнирот, им честитам на момците“, додаде Гвардиола.
Дополнителен ефект од црвениот картон на Ди Лоренцо беше потребата да се повлече од игра Кевин де Бројне, а на негово место да влезе дефанзивецот Матијас Оливера.
„Она што Кевин го направи во овие 10 години тука не може целосно да се разбере. Би било невозможно да ги освоиме сите тие трофеи без него. Видовте како навивачите му ја искажуваат својата љубов. Жал ми е што не играше повеќе, но барем ја почувствува таа приврзаност од публиката“, заврши Гвардиола.