Иако многумина веќе го отпишуваат Арсенал од трката за титулата во Премиер лигата, и пехарот го гледаат во рацете на Манчестер сити, менаџерот на Граѓаните, Хосеп Гвардиола, не мисли дека неговиот тим е фаворит.
Арсенал е прв со два бода предност, но Сити има два меча помалку. Актуелниот првак е во многу подобра форма од Топчиите, и ако победи в недела на гостувањето кај Фулам, ќе го преземе првото место и тоа со еден меч помалку од Арсенал.
Сити може да го повтори историскиот успех на Манчестер јунајтед од 1999 година кога тимот освои тројна круна, но Гвардиола „не сака да му крои капа на нероден Петко“.
„Не е готова трката за титулата. Има уште седум меча за играње, не се малку. Се сеќавам што се случи есеноска после победата над Арсенал, на следниот меч одигравме нерешено со Нотингем Форест. Сега треба да играме против Фулам кој е неверојатен тим. Го познавам Микел Артета, кој нема да се предаде. Да имавме 10 бода предност ќе кажев дека е готово, но ние имаме негатива од два бода. Ако сезоната заврши денеска, Арсенал ќе биде првак. Мора да ги победиме Фулам, Вест Хем и Лидс. Титулата во Премиер лигата ни е подеднакво важна како таа во Лигата на шампионите, не даваме приоритет на ниту едно натпреварување“ – изјави Гвардиола.