Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, изјави дека воопшто не размислува за можноста неговиот тим да биде елиминиран од Лигата на шампионите. Граѓаните моментално се наоѓаат на 25-тото место во табелата од основната фаза на турнирот, со осум бода по седум натпревари.
Во последното коло, тимот на Гвардиола ќе се соочи со Клуб Бриж.
„Во оваа ситуација мора да победиме. Ако не успееме, нашето учество во турнирот завршува. Сакаме да продолжиме понатаму за да имаме шанса да одиграме уште два натпревари и да се пласираме во следната фаза“, изјави Гвардиола.
„Ова не е проблем, туку можност, предизвик и ние мора да се соочиме со него. Нема да биде добро за клубот ако не продолжиме, но сега не размислувам за тоа. Знам дека сите се прашуваат дали ќе стигнеме подалеку или не, но убеден сум дека ќе продолжиме“, додаде менаџерот на Манчестер сити.