Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола вели дека е „неприфатливо“ што неговиот тим морал да игра полуфинале на ФА Купот толку брзо по емотивното и физички исцрпувачко четвртфинале во Лигата на шампионите во средата вечер.
Сити го совлада Челзи со 1-0 и финале, но Гвардиола го критикува нивниот распоред и смета дека требало да играат утре, а денеска на „Вембли“ да се сретнат одморените Ковентри и Манчестер јунајтед.
„Не знам како преживеавме. Неприфатливо е што игравме денеска. Знам дека оваа земја е особено приврзана за ФА купот, но здравјето на играчите е најважно. Сакам да ги заштитам моите играчи. Тоа е здрав разум. Не барам привилегија. Се молев само да нема продолженија и против Челзи. Не знам зошто ние не игравме во недела, а денеска да играа Манчестер јунајтед и Ковентри, кои беа слободни во средината на неделата“, рече Гвардиола.
Следниот натпревар на Сити е в четврток, на гостувањето кај Брајтон во Премиер лигата.