Гвардиола: Нема да трошиме 100 милиони евра за играч од среден ред

Во пресрет на вечерашниот последен дуел од рамките на 22-рото коло во Премиер лигата, помеѓу Манчестер сити и Вулверхемптон, на прес-конференцијата на Пеп Гвардиола му поставија прашање дали ќе тргне по потписот на младата ѕвезда на „волците“, Рубен Невеш. Шпанскиот стратег ги отфрли сите шпекулации со тоа што посочи дека Сити нема да плати сума од 100 милиони евра за играч за врска.

„Пред околу еден месец наидов на неколку вести од типот: Рубен Невеш во Сити за 100 милиони евра. Тоа нема да се случи, нема да трошиме толку пари за играч чија позиција му е да биде врска меѓу одбраната и средината. Имаме лимит и не можеме тукутака да се расфрламе со пари, мора да бидеме внимателни со играчите кои ги имаме и да најдеме начин како да се подобриме доколку недостига квалитет на некоја позиција“, истакна Гвардиола.

Рубен Невеш е еден од главните адути во тимот на Еспирито Санто, а дури и пред трансферот на „Молињу“, додека го носеше дресот на Порто, Сити се интересираше за Невеш. Во него гледаат како идеалната замена за искусниот Фернандињо. Но според оваа изјава на Гвардиола, овој трансфер нема да се случи.

Дуелот Сити – Вулверхемптон е закажан за 21 часот.

- Оглас -

Најнови вести