Манчестер сити синоќа во дербито на 27-мото коло во Премиер лигата со 3:1 го совлада градскиот ривал Манчестер сити, а менаџерот на Граѓаните, Хосеп Гвардиола, е воодушевен од играта на Фил Фоден.
Токму Фоден беше херој на Граѓаните постигнувајќи два гола (во 56-тата и во 81-вата минута), додека третиот гол го постигна Ерлинг Халанд, а голот за Јунајтед беше ремек-дело на Маркус Рашфорд.
Гвардиола нема дилеми кој беше најзаслужен за победата и не се штедеше во комплиментите за Фоден.
„Тој ги решава натпреварите. Фудбалерите од светска класа ја преземаат одговорноста и токму тоа го прави Фоден. Сака да игра фудбал, има неверојатна работна етика, може да игра лево, десно, да игра како лажна деветка. Фил Фоден моментно е најдобар играч во Премиер лигата“, изјави Гвардиола.
Фоден сезонава е одличен, досега одигра 40 натпревари за Манчестер сити во сите натпреварувања и постигна 18 гола и има 10 асистенции, а само во Премиер лигата има 11 гола и седум асистенции на 27 меча.
„Тоа е мојата цел, да ги решавам натпреварите. Сакам постојано да го правам тоа и сезонава докажав дека сум способен за такво нешто“, изјави Фоден.