Фудбалерите и тренерите на Манчестер сити не треба да добиваат бонуси од учеството на Светското клупско првенство во САД ова лето, смета менаџерот на Граѓаните, Пеп Гвардиола.
Сити ја има најслабата сезона во последните години, со 22 бода помалку од лидерот Ливерпул во Премиер лигата, а во Лигата на шампионите не стигнаа ни до осминафиналето, па им остана само шанса за освојување на трофејот во ФА Купот.
На Светското клупско првенство летово, кое ќе се одржи за прв пат, ФИФА ќе подели награден фонд од 1 милијарда долари меѓу 32-те учесници, победникот би добил над 90 милиони.
„После ваква сезона, не заслужуваме никакви бонуси. И ако го освоиме Светското, парите ќе одат за клубот. Ни јас како менаџер, ниту мојот тим или играчите не го заслужуваме тоа. Се надевам дека сите ќе научиме нешто од оваа сезона. Во минатото велев дека и пласманот во Лигата на шампионите е голем успех, но тогаш никој не ми веруваше. Сега сите мислат така“, изјави Шпанецот.