Манчестер сити го прослави освојувањето на петтата титула во последните шест години во Премиер лигата и во последните три кола кои треба да ги игра тимот на Пеп Гвардиола ќе биде без притисок. Првата пречка за Граѓаните ќе биде тимот на Брајтон, кој сезонава игра одлично и моментално е на шестото место, што значи дека е на позиција за пласман во Лигата на Европа.
Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, имаше само пофални зборови за утрешниот ривал.
„Треба да му честитаме на Брајтон за неверојатната сезона и пласманот во Европа за следната сезона. Роберто де Зерби е еден од највлијателните тренери во последните 20 години. Не постои тим што игра како Брајтон. Тие се посебни. Знаев дека ќе остави своја трага кога ќе дојде во Премиер лигата, но не знаев дека тоа ќе го направи за толку кратко време. Брајтон создава од 20 до 25 шанси на меч. Тие доминираат во поседот на топка на начин кој долго време не е виден. Сите се вклучени во играта. Голманот во некои моменти им е како последен играч за врска. Тоа е еден од тимовите од кои и јас учам“, рече Гвардиола, пред утрешното гостување кај Брајтон.