Манчестер сити убедливо со 8:0 славеше над Салфорд во ФА Купот на Англија, а по мечот, тренерот Пеп Гвардиола откри непријатни вести за фановите на овој клуб. Во составот за овој меч го немаше капитенот Кајл Вокер, а Гвардиола откри зошто е изоставен.
„пред два дена Вокер дојде кај мене да разговараме и бараше да си замине. Сака кариерата да ја заврши во странство“, откри Гвардиола.
Вокер оваа сезона одигра 18 мечеви за Сити, но во последни време почесто беше надвор од стартниот тим. Актуелниот договор со Граѓаните му е до јуни 2026 година, а како негова нова дестинација се споменува Саудиска Арабија.
Овој искусен дефанзивец кариерата ја започна во тимот на Шефилд јунајтед, а има играно и за екипите на Нортхемптон, Тотенхем, Квинс Парк Ренџерс, Астон вила, а во Манчестер сити дојде во 2017 година. Со Сити се радуваше на шест титули во Премиер лигата, а еднаш беше и првак во Лигата на шампиони. Меѓу другите трофеи тука се и тие од Светското клупско првенство како и од УЕФА Суперкупот.