Пеп Гвардиола како тренер на Барселона имаше можност да го тренира Нејмар и многу добро ги знае квалитетите на бразилскиот голгетер. Шпанскиот стратег сега треба да смисли план како да го сопре Нејмар затоа што мисијата на Гвардиола е да го елиминира ПСЖ и со Манчестер сити да се пласира во финалето од Лигата на шампиони.
Гвардиола вели дека во неговата кариера никогаш нема видено напаѓачко трио како тоа што го сочинуваа Меси, Суарес и Нејмар.
„Се сеќавам кога гледав видеокасети додека Нејмар уште беше тинејџер во Сантос. Ако Нејмар останеше во Барселона, сигурно ќе освоеше уште две-три европски титули. Меси, Суарес и тој беа најдоброто напаѓачко трио. Никогаш немам видено такво трио. Сепак, Нејмар се реши за трансфер во ПСЖ и тоа не е лоша одлука. ПСЖ е добар клуб, а Париз е убав град. Јас сум фан на Нејмар, тој е играч кој го прави фудбалот да биде поубав. Му посакувам само да има што е можно помалку повреди“, рече Гвардиола во пресрет на утрешниот меч на „Паркот на принцовите“.
Што се однесува со Килијан Мбапе, Гвардиола вели дека тој е фудбалот за иднината на фудбалот.
„Мбапе е млад, одличен играч. Тој е иднината на светскиот фудбал. Всушност, тој веќе е и светски првак со Франција. Импресиониран сум кога го гледам него, исто како и Халанд. Си велам „Леле колку голови постигнува“, е коментарот на Гвардиола за вториот голем адут на ПСЖ во дуелот против Манчестер сити.