Манчестер сити има шест порази и едно реми во последните седум меча, што е најлоша серија во последните десетина години за овој клуб. Актуелниот англиски првак речиси еден и пол месец нема победа, а тренерот Пеп Гвардиола верува дека овој пост ќе биде прекинат на следниот меч.
Манчестер сити утре ќе игра против Нотингам форест, и тоа во рамките од 14-тото коло на Премиер лигата. Нотингам форест е тим кој е по мерка за да се стигне до победа, а Гвардиола побара тимот да има голема поддршка од навивачите. Според шпанскиот стратег, токму поддршката од трибините треба да биде еден од клучните фактори за да се стигне до трите бода.
„Ни требаат навивачите поради ситуацијата во која се наоѓаме. Тие секогаш беа тука за нас и ја чувствувавме нивната поддршка. Тие исто така знаат што постигна овој тим во последната деценија. Имавме одлични моменти поминати заедно и знаеме дека ни е потребна нивната поддршка по секоја цена. Сите ние, особено играчите, сме луѓе и подготвени сме да дадеме сè што зависи од нас за да ја промениме моменталната ситуација“, објасни Гвардиола, кој никогаш не поминал седум натпревари без победа во кариерата како главен тренер.
Манчестер сити има само 23 бода и веќе заостанува дури 11 бода зад лидерот Ливерпул. Интересно е дека Нотингам форест е веднаш зад Граѓаните на табелата со 22 бода, што значи дека ова ќе биде еден вид дерби, барем според моменталниот пласман.