Гвардиола: Ова ми е најтешко освоена титула, Клоп: Направивме сѐ што можевме

Во третата сезона како тренер на Манчестер сити, Пеп Гвардиола стигна до втората титула во Премиер лигата. Неверојатно е тоа што Сити во последните две сезони освои дури 198 поени. Ако минатата сезона уште неколку кола пред крајот беше јасно кој ќе биде шампионот, овојпат првакот се решаваше во последното коло.

Сити на гости славеше кај Брајтон со 4:1 и стигна до 98 бодови, еден повеќе од Ливерпул, кој остана на второто место.

„Прво морам да му се заблагодарам и да му честитам на Ливерпул. Тие нѐ натераа да играме над своите можности. Неверојатно, освоивме 98 бодови и ја одбранивме титулата. Го подигнавме стандардот од минатата сезона, а секако Ливерпул ни помогна за тоа. Моравме да победиме на 14 меча по ред и не смеевме да загубиме ниту еден бод. Ова е најтешката титула која ја имам освоено во кариерата“, рече Гвардиола.

За разлика од Гвардиола, менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, беше разочаран, но не заборави да му честита на првакот.

„Честитки за Манчестер сити. Одиграа одлично. Во последните две сезони освоија 198 бодови. Тоа воопшто не е лошо. Респект за нив. Што се однесува за нас, луѓето ќе зборуваат како сме можеле да направиме вака или така, но навивстина направивме сѐ што можевме. Не сакавме да бидеме втори, но тоа е реалноста“, рече разочараниот Клоп.

- Оглас -

Најнови вести