Манчестер Сити имаше разочарувачка сезона, но тоа не значи дека тимот ќе се предаде. Граѓаните најавуваат дека ќе продолжат да работат, да се борат и да се обидат да се вратат на вистинската патека.
На клупата на Сити останува еден од најтрофејните тренери, Пеп Гвардиола. Шпанскиот стратег има освоено 12 титули во првенствата на Шпанија, Германија и Англија, а ова беше првата сезона без ниту еден трофеј во неговата тренерска кариера.
“Сакам да страдам кога не победувам на натпревари. Морам да се чувствувам лошо. Морам да не можам да спијам. Кога нешто не ми оди како што треба, тоа влијае на мене. Така треба да се чувствувам во моментов. Лут сум, па дури и мојата храна има лош вкус. Ако не се чувствував лут, која е поентата на сето тоа? Ние сме во овој свет да доживееме различни нешта”, рече Гвардиола.
Манчестер сити заврши како третопласиран во Премиер лигата со дури 13 бодови помалку од шампионот Ливерпул. И покрај очајната сезона, Граѓаните се изборија за место во Лига на шампиони и во следната сезона.
“Среќен си кога победуваш. Оние кои победуваат се успешни. Тоа е проблем. Овојпат ние сме трети, но никогаш не се откажавме. Ако го отстапевме, веројатно ќе бевме десетти или дванаесетти. Се соочивме со толку многу предизвици поврзани со повреди и замор, а тоа не е лесно. Се квалификувавме и за Лигата на шампионите кога речиси ја пропуштивме. Паѓаш, стануваш и продолжуваш. Пак паѓаш, стануваш и продолжуваш. Ако можеш, тоа е најголемиот успех“, категоричен е менаџерот на Сити.