Манчестер сити оваа сезона е далеку од врвот во Англија, па борбата на „граѓаните“ е насочена кон обезбедување на место во Лигата на шампионите. Англија веќе доби и петти претставник, па работата им е олеснета, но победата над Евертон на гости ширум им ги отвори вратите кон елитното натпреварување.
„Да се победи овде, со тие шанси кои ги имаше Евертон, е навистина добро. Ливерпул и Арсенал не можеа да победат тука, па затоа оваа победа е толку важна за нас. Се разбира, многу сме далеку од Ливерпул, но пласманот во Лигата на шампионите сега е во наши раце. Сега потребна ни е победа во вторник против Астон вила и се надевам дека ќе го постигнеме овој голем успех за нас, да се пласираме во Лигата на шампионите.“ – рече Гвардиола после победата над Евертон.
„Граѓаните“ во моментов се на четвртата позиција со 58 бода, еден помалку од третиот Њукасл, а имаат по еден повеќе од Нотингем форест и Астон вила. Во игра за пласман во Лигата на шампионите е и Челзи со 54 поени.