Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, одби да прави драми по најновиот пораз на Граѓаните во Премиер лигата. Англискиот шампион загуби од Астон Вила со 1-2, што е шести пораз за тимот од почетокот на сезоната.
Според Гвардиола, неговиот состав ќе успее да ја врати самодовербата и повторно ќе почне да победува, порано или подоцна во текот на шампионатот.
„Игравме одлично прво полувреме, но во второто попуштивме. Го променивме нашиот пресинг, бидејќи Џон Стоунс не можеше да продолжи. Честитки за Астон Вила, а ние продолжуваме понатаму“, изјави Гвардиола.
„Астон Вила е тим кој е многу силен во средниот блок. Имавме добри моменти и шанси, дури повеќе отколку против Манчестер јунајтед, но во вториот дел попуштивме и пресингот не ни беше доволно добар. Постигнавме гол на крајот, но беше предоцна. Чекор по чекор ќе ја вратиме самодовербата. Имаме фантастични карактери во тимот. порано или подоцна ќе ја вратиме самодовербата и Манчестер сити повторно ќе победува“, додаде менаџерот на Граѓаните.