Катастрофалните резултати на Манчестер сити продолжуваат и по 18-тото коло од Премиер лигата. Граѓаните на домашен терен не успеаја да го победат Евертон, иако имаа водство од 1-0, а Ерлинг Халанд не погоди пенал за победа во второто полувреме.
„Ако ме прашате за денешниот настап, направивме што направивме. Кога играме лошо, кажувам на пресот дека е така и му честитам на противникот дека бил подобар, а ние не сме биле доволно добри. Сепак, денес не беше така против врвна екипа, една од најдобрите по чистите мрежи. Имавме многу шанси, но фудбалот се игра за победа. Мора да постигнувате голови, но и да не примате. Ние секогаш тоа го правевме, освен последниот месец и пол. Првото полувреме беше одлично, исто и првите 10 до 15 минути од второто. До пеналот бевме навистина добри. Првпат кога направија транцизија, ни дадоа гол. На крајот можевме и да загубиме. Кога ќе го анализирате резултатот, секако дека не сме задоволни, но како излегувавме на теренот, дечките беа брилијантни со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме. Не ги даваме головите кои ни се потребни“, рече Гвардиола по новиот кикс на Манчестер сити.