Гвардиола повторно му „плесна“ на Мурињо: „Луѓе, тоа се факти, јас шест, тој – три“

Големата кавга меѓу Пеп Гвардиола и Жозе Мурињо во јавноста продолжи по вчерашната прес-конференција на Манчестер сити, на која шпанскиот стратег повторно одлучи да испрати порака до Португалецот.

Сѐ започна уште минатиот викенд, кога Манчестер сити гостуваше кај Ливерпул и претрпе пораз од 2-0, а Пеп Гвардиола имаше конфликт со навивачите на „Енфилд“.

Навивачите го прозиваа за лошата серија на Сити и му скандираа дека ќе биде отпуштен, а тој им покажа шест прсти, алудирајќи дека толку пати го има освоено трофејот во Премиер лигата со клубот од „Етихад“.

Новинарите го споредија овој потег со Жозе Мурињо, кој правеше исто додека го водеше Манчестер јунајтед. Кога навивачите на противничките тимови го навредуваа, тој им покажуваше три прста, симболизирајќи ги неговите три освоени трофеи во Премиер лигата.

Неколку дена подоцна, новинарите му го посочија тоа на Гвардиола, кој во шега изјави дека единствената разлика меѓу него и Жозе е што тој има шест, а Мурињо три трофеи.

Оваа изјава не му се допадна на Мурињо, па одлучи да ја прокоментира и на остар начин да го „боцне“ Гвардиола и Манчестер сити, споменувајќи ги 115-те обвиненија со кои клубот од „Етихад“ моментално се соочува.

„Гвардиола кажал нешто за мене? Тоа дека освоил шест, а јас три трофеи… Разликата е што јас ги освоив чесно и чисто. Ако изгубам, сакам да му честитам на противникот што бил подобар од мене. Не сакам да победувам и потоа да се соочувам со 150 различни обвиненија“, рече Мурињо.

Меѓутоа, медиумската расправија меѓу Пеп и Жозе не заврши тука, бидејќи Гвардиола и синоќа ги прокоментира зборовите на португалскиот стратег.

Новинарите повторно го прашаа за неговиот став на прес-конференцијата и му кажаа што изјавил Мурињо, а Шпанецот јасно го изрази својот став.

„На Жозе би му рекол дека сме невини додека не се докаже спротивното. Ако сум го навредил, жал ми е, бидејќи тоа беше само шега. Факт е дека тој има три, а јас шест трофеи. Тоа е факт, луѓе“, изјави Пеп.

- Оглас -

Најнови вести