Гвардиола: Премиер лигата згреши што не го воведе тоа правило

Пеп Гвардиола повторно е во фокусот на вниманието, откако неговото име се спомнува како адут на еден од претседателските кандидати во Барселона. Каталонскиот гигант остана без претседател откако Жосеп Марија Бартомеу си поднесе оставка, а сега Виктор Фонт е еден од фаворитите за негов наследник.

Фонт во својата кампања најави дека ќе го натера Меси да остане во клубот, а на „Камп Ноу“ ќе сака да го врати и Гвардиола, кој имаше блескави моменти на клупата на Барселона. Сепак, Пеп сега е фокусиран на Манчестер сити.

„Јас сум пресреќен во Манчестер сити. Воодушевен сум од Манчестер и се надевам дека уште долго време ќе работам со успех тука“, вели Гвардиола.

Шпанскиот стратег не заборави да спомене дека челниците на Премиер лигата направиле кикс затоа што не го воведоа правилото за пет наместо три измени на еден меч, како во останатите големи шампионати.

„Требаше да се остави правилото со пет замени. Не се работи само за еден клуб. Постои статистика која покажува дека фудбалерите во Премиер лигата имаат 47 отсто повеќе мускулни повреди отколку минатата сезона. Тоа е поради големиот број мечеви и немањето време за одмор. Сите лиги, во Германија, во Шпанија, користат пет измени на меч како би се заштитиле сите играчи кои играат во тоа првенство. Се надевам дека повторно ќе може да се разгледа оваа одлука и да работиме како што е во поголем дел од светот. Реалноста сега е поинаква од претходно. Мора да се прилагодиме на пандемијата“, рече Гвардиола.

Манчестер сити утре гостува кај Шефилд јунајтед.

 

- Оглас -

Најнови вести