Гвардиола се налути: Светот се руши, а вие зборувате за „црни магии“ на Арсенал

Манчестер Сити и Арсенал в недела на легендарниот стадион „Вембли“ ќе играат во финалето на Лига купот и ќе се борат за освојување на првиот трофеј сезонава. Тимот на Пеп Гвардиола пред неколку дена беше елиминиран од Лигата на шампионите од Реал Мадрид, а во трката за титулата во Премиер лигата има дури девет бодови помалку од лидерот Арсенал.

Токму затоа, Сити е под притисок дека ќе мора да брка победа на утрешниот натпревар и да донесе трофеи во клупските витрини. Гвардиола беше запрашан како ќе се снајде против „црната магија“ што ја изведуваат играчите на Арсенал. Не е тајна дека тренерот на Топчиите, Микел Артета, го користи секое дозволено оружје за да добие предност. Така неговите играчи крадат многу време во бројните прекини и постигнуваат многу голови од истите тие прекини.

Гвардиола реагираше посочувајќи дека има многу поважни работи во светот од „црните магии“ на Арсенал.

„Дали ме слушавте кога зборував за Арсенал и црна магија? Одете во Лондон и прашајте го Артета на прес-конференција. Тренерите можат да прават што сакаат. Сите луѓе што трчаат зад сцената можат да ја организираат играта како што им одговара. Погледнете што се случува низ целиот свет. Нашиот свет станува неверојатен хаос и никој не сака да мрдне со прст. Сè се случува зад сцената. Светот ќе се сруши и ние зборуваме за црна магија. Има поважни работи од тоа“, рече Гвардиола.

Шпанскиот стручњак до крајот на годината треба да ја надмине границата од 1.000 натпревари во тренерската кариера. Има освоено шест титули во Премиер лигата со Манчестер Сити и една Лига на шампиони со англискиот клуб за десет сезони. Неговиот актуелен договор е до крајот на сезоната 2026/2027.

- Оглас -

Најнови вести