Гвардиола се согласи да потпише нов договор со Манчестер сити

Во моменти кога спортскиот свет е фокусиран на Светското првенство во Катар, менаџерот на Манчестер сити, Хосеп Пеп Гвардиола сигурно ќе украде дел од вниманието бидејќи се согласи да потпише нов договор со Граѓаните.

Според „Атлетик“ и новинарот Дејвид Орнстајн, Гвардиола и Манчестер сити се договориле за продолжување на соработката до 2025 година.

Гвардиола седи на клупата на Манчестер сити од 2016 година и досега освои четири титули во Премиер лигата, еден ФА куп и Лига купот, но не и најважниот трофеј, тој од Лигата на шампионите.

Најблиску беше во 2021 година, кога играше во финалето, но славеше Челзи со минимални 1:0.

Одлуката да ја продолжи соработката со Манчестер сити претставува мало изненадување за јавноста бидејќи Гвардиола во минатото постојано зборуваше дека не сака да се врзува со ниту еден тим и дека најдобро е да остане четири до пет години на едно место.

Гвардиола пред Манчестер сити ја предводеше Барселона од 2008 до 2012 година, а потоа во Баерн од 2013 до 2016.

- Оглас -

Најнови вести