Манчестер сити ја задржа лидерската позиција во Премиер лигата, откако вчера минимално со 1:0 го победи Вулверхемптон. Рахим Стерлинг го даде единствениот гол и тоа од пенал во средината од второто полувреме.
Граѓаните се очекуваше полесно да победат, посебно откако гостите останаа со фудбалер помалку пред крајот на првото полувреме. Сепак, токму тој момент, според тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, донел дополнителни проблеми за нив.
„Додека игравме 11 на 11 бевме подобри. Не е лесно да се игра против десеторица, кои се бранат неверојатно добро. Сепак, игравме многу трпеливо и на крајот заслужено победивме. Можам да бидам задоволен, иако не создадовме многу шанси, на крајот ги освоивме трите бода“, рече Гвардиола.
Вчера беше ден за пенали во Премиер лигата, а Сити не беше единствениот фаворит кој благодарение на гол од белата точка стигна до победа. Со по 1:0 и тоа со голови од пенал победија и Ливерпул и Манчестер јунајтед, додека Челзи со 3:2 беше подобар од Лидс во меч на кој имаше три пенали, а лондончани се радуваа благодарение на голот на Жоргиџо од 11 метри и тоа во 94 минута од средбата.