11.8 C
Skopje
петок, 21 ноември 2025

Гвардиола: Сезоната во Премиер лигата допрва започнува

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, смета дека вистинската сезона во Премиер лигата започнува сега, по завршувањето на последната репрезентативна пауза во годината. Тој нагласува дека неговиот тим не смее да загуби бодови на утрешното тешко гостување кај Њукасл, за да не му дозволи на Арсенал да ја зголеми предноста на врвот.

Гвардиола истакна дека сите играчи се здрави и подготвени, освен Ковачиќ и Родри, при што Шпанецот добро се опоравува и се очекува да игра на постојано ниво до крајот на сезоната.

Шпанскиот стратег објасни дека сезоната има две клучни фази – по затворањето на летниот преоден рок и по завршувањето на ноемвриската пауза.

„Сезоната има две фази – кога ќе се затвори летниот преоден рок и кога ќе заврши ноемвриската репрезентативна пауза. Сега, кога последната пауза е зад нас, до март ќе играме натпревари на секои три-четири дена. Сега започнува вистинската сезона. Важно е да бидеме тука, блиску до врвот, а потоа, кога ќе се доближиме до крајот, да имаме шанса да се бориме за првото место. Тоа е целта, а победата утре ќе биде важен чекор за нас“, истакна Гвардиола.

Лидерот Арсенал е сега тимот што Сити сака да го достигне во Премиер лигата.

„Вистината е дека Арсенал изгледа како безгрешен тим. Тоа е истото чувство што го имавме кога се боревме против Ливерпул во минатото. Тогаш чувството беше дека тие нема да загубат многу бодови. Ако успеат да се одлепат со голема разлика, ќе биде многу тешко некој да ги стигне, како што беше со Ливерпул минатата сезона. Но, истовремено, сè уште е ноември. Во ноември ништо не е решено. Во февруари или март мора да бидеш внимателен, но сега е само почеток на сезоната“, изјави менаџерот на Манчестер сити.

- Оглас -

Најнови вести