Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, беше задоволен по победата од 1-2 на „Сантијаго Бернабеу“ против Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Триумфот беше негов 14-ти во дуелите со шпанскиот гигант, со кој досега играл 28 пати.
„Секогаш е огромен предизвик да се игра на овој стадион. Можевме да бидеме уште посигурни, но мора да се цени освоената победа. За неколкумина наши играчи ова беше прво искуство на „Бернабеу“ и затоа бодовите се уште повредни. Имаме 13 бода и сами ја контролираме битката за пласман меѓу првите осум. Тоа ни е главната цел“, истакна Гвардиола.
Тој додаде дека стартот на мечот не бил идеален.
„Рано влеговме во грешки. Мислев дека Реал ќе притисне повисоко, но тие се повлекоа длабоко, што ни создаде различни проблеми. Со играчи како Родриго, Винисиус и Белингам, постојано мораш да бидеш внимателен. Не смее да се напаѓа само со трчање напред – мора да се работи и во дефанзива.“
Гвардиола се осврна и на играта на Халанд.
„Неговите бројки и така се импресивни, но треба да го вклучуваме многу повеќе во играта. Последните натпревари беше премногу изолиран, па мораме да најдеме начин да му доставуваме повеќе топки.“
На крајот, Каталонецот беше сосема искрен: „Сè уште не сме на нивото да ја освоиме Лигата на шампионите. Мораме да растеме. Верувам дека во февруари ќе изгледаме многу подобро.“

