Гвардиола: Следните три меча се како три финалиња за нас

Англискиот првак Манчестер сити сега треба да покаже дека има шампионски карактер. Тимот на Пеп Гвардиола вечерва игра на свој терен против Тотенхем во реванш-мечот од четвртфиналето во Лигата на шампиони и ќе мора да победи. „Граѓаните“ загубија со 0-1 во првата средба, па сега мора да бркаат триумф пред своите навивачи.

Интересно е што по вечерашниот дуел со Тотенхем, следен ривал на Сити повторно е лондонскиот тим. Сити – Тотенхем ќе играат во Манчестер и во рамките од 35-тото коло во Премиер лигата. По двата меча со истиот ривал, на Сити ќе му дојде и градското дерби против Манчестер јунајтед следната среда.

Тоа значи дека само за седум дена, Сити го очекуваат три многу важни дуели.

„Ако не победиме во сите овие три меча, тоа значи дека ќе испаднеме од трка за два трофеи. Затоа овие средби за нас се како финалиња. Веќе подолг период знаев дека ќе биде така и се подготвуваме“, рече менаџерот на англискиот првак, Гвардиола.

Сити веќе се радуваше на еден трофеј сезонава, откако беа најдобри во Лига купот. Тие се и во финалето од ФА купот, каде што на 18 мај ќе играат против Ватфорд. Ова значи дека Сити има шанса да сонува за освојување на четири титули, што би било феноменален успех.

„Секој меч е тежок и немаме многу време за подготовка. На ниво на цела сезона, ќе одиграме 9,10,11 меча повеќе од Ливерпул, но тоа е предизвик кој го прифаќаме“, додаде Гвардиола.

Ако Сити успее вечерва да го елиминира Тотенхем во Лигата на шампионите, во полуфиналето го очекува двомеч против некогашниот четирикратен европски првак Ајакс.

 

- Оглас -

Најнови вести