В недела од 17.30 часот Манчестер сити ќе биде домаќин на Ливерпул во натпревар од 11-тото коло од англиската Премиер лига, а менаџерот на Сити, Хосеп Гвардиола, ќе го одбележи големиот јубилеј, 1.000-ти меч во тренерската кариера.
Гвардиола зад себе има 549 натпревари за Манчестер сити, 161 пат го водеше Баерн, има 247 меча за Барселона и уште 42 за Б тимот на Барса. На досегашните 999 меча, има дури 715 победи и 40 освоени трофеи. Има две тројни круни, три титули во Лигата на шампионите.
Неговата кариера ја прави посебна и тоа што тој досега не бил отпуштен од никаде, секогаш кога менувал средина, тоа го правел по своја волја.
„Достигнувањето на 1.000 натпревари како главен тренер е многу посебно чувство. Кога почнав да ја тренирам Барселона Б, ниту секунда не помислив да стигнам до 1.000 натпревари. Само сакате добро да си ја работите работата, да играте вистински фудбал и да видите што ќе се случи. Имав голема среќа да работам во три неверојатни клуба и секаде имав целосна поддршка. Многу сум горд на мојата кариера. Сакам да им се заблагодарам на сите со кои соработував во изминатите 18 години, исто така, сакам да му се заблагодарам на моето семејство, кое секогаш ми даваше безусловна поддршка“, изјави Гвардиола.

