Манчестер сити вчера загуби од Лестер во мечот за освојување на трофејот во Комјунити Шилд. Лестер како освојувач на ФА Купот, го победи актуелниот шампион со 1:0, благодарение на голот постигнат од пенал во 88 минута.
Граѓаните на овој меч беа без неколку стандардни играчи, а тренерот Пеп Гвардиола вели дека најголем виновник за овој пораз е кај двете главни фудбалски куќи, ФИФА и УЕФА, затоа што неговата екипа немала доволно време да се подготви за новата сезона.
„Повторно доцниме со целата работа и тоа затоа што УЕФА и ФИФА не ни овозможија фудбалски одмор. Допрва треба да пристигнат седум-осум фудбалери, Родри одработи само два тренинзи, а Лапорте е во изолација. Ќе мора да направиме добри резултати, иако нема да бидеме на нашето најдобро ниво. Во една таква ситуација минатата сезона загубивме од Вулверхемптон и примивме пет гола од Лестер“, рече незадоволниот Гвардиола.
Шпанскиот стратег вели дека неговиот тим на „Вембли“ сакал да победи, но едноставно Лестер покажал квалитет.
„Одигравме добар меч, посебно ако се земе во предвид младиот состав кој го имав на располагање и проблемите на почетокот на подготовките. Ќе биде подобро следната недела. Нашата цел е да освоиме што е можно повеќе бодови до првата репрезентативна пауза. По тоа што го видов на мечот со Лестер можам да очекувам успешна сезона“, оптимистички најави Пеп.
Сезоната во Премиер лигата ќе започне следниот викенд, а Сити во првото коло го очекува тешко гостување во Лондон против Тотенхем.