Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, тешко го прифати убедливиот пораз од Тотенхем (0-4) во Премиер лигата. Ова беше петти последовен пораз за тимот, а тој призна дека досега никогаш не се соочил со ваква ситуација.
Сепак, останува уверен дека тимот ќе успее да излезе од кризата.
„Во моментов сме премногу кревки, не се браниме правилно. Добро го започнавме натпреварот, но не успеавме да постигнеме гол. Потоа примивме погодок и ситуацијата се искомпликува. Како играч сум бил во ваква ситуација, но не и како менаџер. Ги загубив првите три натпревари во Барселона. Единствениот начин е да останеме и да се бориме. Последните осум години резултатите беа постојани. Би било грешка да правиме радикални промени. Во фудбалот нема бајки. Понекогаш мора да минеш низ вакви тешки моменти. Треба да го прифатиме тоа што се случува. Нема смисла да се обвинуваат играчите; треба да останеме обединети и да направиме што е потребно“, изјави Гвардиола.
Тој вели дека е најодговорниот за да се соочи и да ја реши оваа ситуација во тимот.
„Дали би избегал? Апсолутно не. Подготвен сум да се борам повеќе од кога било. Ќе покажеме кои сме само ако станеме откако сме паднале. Не знам што ќе се случи до крајот на сезоната, но ни за момент не престанав да верувам во овие играчи. Нема тим во светот кој постојано победува осум-девет години. Секако, ситуацијата не е добра, но ќе анализираме што се случува и ќе видиме како ќе реагираме на следниот натпревар“, додаде Шпанецот.