Менаџерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола, верува дека ривалите на неговиот тим се ситат на неговите неуспеси. Кон средината на оваа недела Граѓаните ја испуштија победата против Феенорд во Лигата на шампионите, поведувајќи со 3-0, а мечот заврши 3-3, додека претходно претрпеа пет последователни порази.
Шпанскиот стручњак многу сериозно ја сфаќа оваа криза и им дава поддршка на играчите.
„Во спортот е нормално кога конкурентите се радуваат на вашите порази. Воопшто не уживам. Не спијам добро како кога победувам на секој натпревар. Во моментов сакам да бидам поблиску до моите играчи. Сакам да ги гушнам бидејќи знам дека страдаат. Знам што си мислат: „Боже, како не можевме да победиме против Феенорд?“. Зошто не постигнавме гол кога имавме шанси против Тотенхем? Апсолутно не ги обвинувам. Ова ќе помине, ништо не трае вечно“, рече Гвардиола кој попладнево со Сити има пеколно и важно гостување кај Ливерпул кое ако го загуби, премиерлигашката титула ќе биде тешко дофатлива бидејќи би имале дури 11 бодови негатива.