Помалку од еден месец останува до стартот на Светското првенство во Катар, а поради Мундијалот, националните фудбалски првенства ќе паузираат повеќе од еден месец. Ерлинг Халанд е фудбалерот кој имаше блескав старт на сезоната во Манчестер сити и во првите 15 меча даде вкупно 22 гола.
Халанд сепак нема да го гледаме на планетарниот собир во Катар затоа што Норвешка не успеа да се пласира на завршницата. Тоа значи дека Халанд ќе биде надвор од активно играње речиси еден месец, од средината на ноември до средината на декември.
Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, вели дека е загрижен за Халанд и сите оние фудбалери кои принудно ќе имаат толку долга пауза сред првенството.
„Зборував со играчите кои нема да бидат на СП. Халанд ми рече дека негов план е да одмора во Марбелја и во Норвешка. Како ќе игра во вториот дел од сезоната, зависи од тоа како ќе се однесува во Марбелја. Таму планира да игра голф, а јас се надевам дека нема многу да јаде и да пие, па во клубот ќе се врати во врвна форма“, вели Гвардиола.