Тотенхем и Манчестер сити ќе го заокружат десеттото коло во Премиер лигата со дербито кое се игра вечерва од 21 часот. Во пресрет на новото тешко гостување на „граѓаните“, менаџерот Пеп Гвардиола смета дека важно е неговиот тим да освојува бодови во овие дуели, но воедно призна дека направил грешка кога Тотенхем го нарече „Хари Кејн тим“.
„Ова ќе ни биде трето гостување кај тим кој се бори за шампионската титула. Веќе игравме со Арсенал и Ливерпул на гости, според мене, бодовите се многу важни од овие пресметки. Тотенхем е кандидат за титулата и не толку лесно губи бодови, што значи дека ние ќе треба да одиграме на високо ниво за да издвоиме победа. Тотенхем ме натера да ги повлечам зборовите кога реков дека тие се ’Хари Кејн тим’, покажаа дека се опасни и кога Кејн не е во голгетерска форма “, истакна Пеп.
Со 23 бода, Манчестер сити засега стои на третата позиција на табелата, Тотенхем има два помалку и е на петтото место.