Хакерот од „Фудбал Ликс“ се закани дека ќе објави докази како Манчестер Сити намерно ги нарушувал правилата

Руи Пинто, хакерот кој во 2018 година дојде до илјадници и-меил комуникации на Манчестер Сити и преку „Фудбал Ликс” ги сподели со медиумите, се закани дека ќе објави нови докази за намерни дејства со кои клубот ги заобиколувал правилата за финансиски ферплеј. 35-годишниот Португалец е заштитен сведок од 2020 година.

Минатата година доби четиригодишна условна казна од судот во Португалија, но избегна затвор, иако беше прогласен за виновен за обид за изнуда и незаконски пристап до податоци.

Оваа информација доаѓа во време кога Премиер лигата поднесе 115 обвиненија против Манчестер Сити за кршење на финансиските правила. Независната комисија треба да се изјасни за нив наесен.

Пред неколку години УЕФА исто така го казни Сити врз основа на споменатите откритија, но потоа Судот за спортска арбитража ја укина санкцијата, која значеше исклучување на тимот од европските натпреварувања за две сезони.

„Откритијата за Манчестер Сити покажуваат постоење на суми платени од клубот за кои фудбалските власти не биле известени. Овие документи се дел од истрагата на Премиер лигата. Предадов уште пет дискови со информации на француските и германските власти. Таму има милиони документи, меѓу кои и многу за Сити, и сè е детално опишано. Убеден сум дека ќе се најдат докази за кривична одговорност“, изјави Пинто.

Неговиот адвокат го дополни следното:

„Истражители се обратија до нас за да споделиме информации во врска со Манчестер Сити, кои не биле објавени претходно. Сè уште не сме ја објавиле информацијата, но имаме огромна датотека со документи поврзани со Манчестер Сити. Датотеките ќе бидат објавени во одреден момент, не можеме да кажеме кога, но ќе го направиме тоа.“

 

- Оглас -

Најнови вести