Напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, изјави дека неговото отсуство на Светското првенство малку го налутило и поради тоа мотивацијата му била на највисоко ниво за продолжение на сезоната во Премиер лигата.
Халанд постигна два гола во победата на Граѓаните над Лидс од 3:1, во првиот натпревар во Премиер лигата по паузата од Светското првенство во Катар. Норвежанецот со двата гола дојде до остварување какво што досега не му успеало на ниту еден фудбалер во историјата.
„Седев дома и бев лут што не играм на Светското првенство. Гледањето како други фудбалери даваат голови на Мундијалот ме мотивира, ме иритира и воедно ме тера да одам напред. Сега сум погладен за голови и се наоѓам во најдобра форма“, изјави Халанд.
Норвежанецот истакна и дека на Лидс можел да му даде и пет гола, но сепак, победата била најважна.
„Можев да постигнам пет гола, тоа е вистина. Но, победивме и тоа е најважно. Гледате дека Арсенал е на врвот на табелата, мораме да го бркаме, навистина сум среќен за победата, но како напаѓач можев да дадам уште неколку гола. Тоа е животот, што да правам, морам да тренирам“, изјави Халанд.