Ерлинг Браут Халанд е играчот кој е откритие на сезоната во Лигата на шампионите. Норвешкиот тинејџер блесна на сите три меча во досегашниот дел од елитната лига на УЕФА и постави рекорд кој никогаш нема да може да го урнат ниту Лионел Меси, ниту Кристијано Роналдо.
Напаѓачот на Салцбург стигна до бројката од шест гола во првите три меча кои ги игра во групната фаза, нешто што не му успеало на ниту еден играч досега. Дидие Дрогба беше рекордер досега. Тој имаше дадено пет гола во неговите први три меча од групна фаза во ЛШ, а Халанд сега го надмина тоа постигнување на Дрогба кое опстојуваше од 2003 година.
Халанд вечерва даде два гола против Наполи, но, за жал на Салцбург, тоа не беше доволно бидејќи Наполи победи со 3:2. Голгетерот кој има само 19 години погоди еднаш и на гостувањето кај Ливерпул, а даде три гола во убедливата победа против Генк во првото коло од групната фаза.
Меси и Роналдо, кои се апсолутно најдобри стрелци во историјата на ЛШ, во своите први три меча во групната фаза од ЛШ не ни можеле да сонуваат за ефектот кој сега го има Халанд. Дефинитивно ова момче ја одбележува сезоната во елитната лига на УЕФА.