Халанд му ја исполни животната желба на економот од клубот во кој Норвежанецот ја започна кариерата

Ерлинг Халанд е докажан како еден од најдобрите голгетери на денешницата. Напаѓачот на Манчестер сити сезонава постигна 51 гол во сите натпреварувања, а сигурно тој број ќе расте ако се знае дека Сити може да одигра уште 10-тина меча до крајот на сезоната.

Покрај тоа што е докажан голгетер, Халанд покажа дека е и одличен човек, па одлучи да му исполни една животна желба на економот на норвешкиот тим Брин. Тоа е клубот во кој Халанд започна да тренира како дете и помина дури 12 години во него, кога и дебитираше во сениорскиот фудбал во 2016 година.

Економот Курт Гаусланд е голем навивач на Лидс, екипа која е следен ривал на Сити во Премиер лигата. Гаусланд наполни 60 години, а Халанд во таа чест реши да му честита преку видеопорака во која му подготви и едно изненадување.

Халанд го покани економот заедно со Еспен Ундхајм, кој е еден од првите тренери во Брин, да бидат негови гости за дуелот меѓу Манчестер сити и Лидс. Во пораката, Халанд на шега изјави дека не може да им вети дека нема да постигне гол против Лидс, но додаде дека ќе му биде мило да ги види луѓето кои имаат заслуга за тоа што тој станал фудбалер каков што е сега.

- Оглас -

Најнови вести