9.8 C
Skopje
понеделник, 9 февруари 2026

Халанд: Не постигнувам доволно голови, мора да се подобрам

Ѕвездата на Манчестер сити, Ерлинг Халанд, е искрено самокритичен за своите настапи во последниот период. Иако му ја донесе победата на својот тим против Ливерпул, норвешкиот напаѓач призна дека мора да го подигне нивото на игра.

Во неделата Халанд одигра клучна улога во пресвртот против Црвените и победата од 1-2. Тој најпрво асистираше до Бернардо Силва за израмнувачкиот гол во 84-тата минута, а во судиското продолжение смирено реализира пенал за да ги обезбеди трите бода.

Сепак, статистиката покажува необичен пад во формата на 25-годишниот голгетер. На последните осум натпревари за Граѓаните, Норвежанецот постигна само два гола, и двата од пенал.

Неговиот последен гол од игра во Премиер лигата датира од 20 декември, на натпреварот против Вест хем.

И покрај кризата, Халанд останува лидер во трката за Златната копачка во Англија со 21 гол од почетокот на сезоната.

„Не постигнав доволно голови од почетокот на годината и знам дека морам да се подобрам. Треба да бидам порешителен пред голот, тоа е нешто на што морам да работам“, изјави напаѓачот.

Халанд категорично го отфрли заморот како причина за послабите настапи, нагласувајќи дека заморот е повеќе „во главата“ и дека не сака да го користи како изговор.

„Најважно е да останам здрав, да не се повредувам и да бидам подготвен да му помагам на тимот“, додаде ѕвездата на Манчестер сити.

- Оглас -

Најнови вести