Само 12 минути му беа потребни на Ерлинг Халанд да го постигне дебитантскиот гол за Манчестер сити во неговиот прв натпревар за новиот клуб. Ни помалку ни повеќе, погоди против Баерн Минхен и првпат почувствува како е да се слави против Баварците, претходно со Дортмунд трпеше тешки порази од шампионот на Германија.
По контролката, Халанд посочи дека е возбуден што соработува со Пеп Гвардиола, еден од најтрофејните менаџери во светот.
„Пеп е луд, тоа ми се допаѓа. Кратко време тренирам со екипата, но она што можам да откријам е дека тука навистина е забавно. Добро тренирам и подготвен сум за она што следува“, истакна Халанд.
Гвардиола пак, смета дека Норвежанецот може да биде уште поефикасен, но е задоволен што веднаш почна да ги тресе мрежите за Граѓаните.
„Многу е важно што веднаш даде гол. Секогаш е на вистинското место, пред противничкиот гол при секое нафрлување. За него беа први минути во дресот на Сити, му треба уште малку време да се прилагоди. За две до три недели ќе го видиме Халанд во најмоќното издание“, образложи шпанскиот стратег.
Англискиот шампион одбраната на титулата во Премиер лигата ја започнува на 7 август со гостување кај Вест хем.