Халанд се појави во дрес на Коринтијанс и ги запали Бразилците

Една објава на „Инстаграм“ на Ерлинг Халанд предизвика многу реакции, особено во Бразил бидејќи Норвежанецот испрати благодарност за роденденските честитки облечен во дрес на клубот Коринтијанс. Многумина се чудеа зошто ѕвездата на Борусија Дортмунд носи дрес на клубот од Сао Пауло, а имаше и такви кои помислија дека можеби голгетерот наскоро ќе заигра за Коринтијанс.

Се разбира, еден од првите коментари на неговата објава беше од клубот Коринтијанс, кои му порачаа дека направил добар избор и дека дресот убаво му стои. И тие се свесни дека нема ништо од трансфер, но барем се израдуваа на кратко бидејќи подоцна Халанд објави нов пост и таму си носеше дрес на Борусија.

Интересот на Халанд за Коринтијанс потекнува од 2017 година. Тогаш младиот Ерлинг играше во Молде заедно со бразилскиот голман Неjдсон да Силва. Неидсон рече дека тој имал влијание врз Халанд и му ја пренел љубовта кон црно-белите од Сао Пауло.

„Му објаснив кој е Коринтијанс. Му кажав дека тоа е најдобриот тим во Бразил и дека треба да навива за тој бразилски клуб, никако за Палмеирас. Му реков и дека Роналдо играше таму и дека Коринтијанс го има победено Челзи во финале на Светското клупско првенство“, вели Неjдсон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести