Напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, го постигна својот прв хет-трик за „граѓаните“ од август 2024 година наваму. Норвешкиот голгетер трипати се запиша во листата на стрелци против Ливерпул, а неговиот тим славеше убедлива победа од 4:0 во четвртфиналето на ФА Купот.
„Во првото полувреме имавме проблеми, но од 30-тата до 60-тата минута го прикажавме нашето најдобро издание оваа сезона. Одлично е. Следува патување на ‘Вембли’, што е навистина важно. Клубот мора да освојува трофеи на најголемата сцена. Подолго време немав постигнато хет-трик за Сити, па беше време. Уште еден хет-трик – секогаш е нешто посебно. Многу сум среќен“, изјави Халанд по натпреварот.
Со трите гола, центарфорот обезбеди сигурен триумф и пласман во следната фаза, при што „граѓаните“ покажаа висока ефикасност во клучните моменти. Халанд повторно беше главната фигура во нападот и уште еднаш го потврди своето значење за офанзивната моќ на тимот.
„Ќе му кажам на (Антоан) Семењо да продолжи со тие центаршутови. Тој е нов и му треба време да се адаптира. Неговите центрирања беа одлични, како и тие на (Нико) О’Рајли. Оваа сезона ни е со осцилации, што не е доволно добро. Нè чека подолга недела бидејќи не сме во Лигата на шампионите, а потоа следи натпревар против Челзи“, додаде норвешкиот напаѓач.

